Непријателствата и нападите земаат замав на Блискиот Исток
Американската и британската војска ги гаѓаа позициите на Хутите низ Јемен, Израел напаѓа во Газа и Либан. Црниот биланс расте. Иран се заканува дека конфликтот може да се прелее и во други региони. Во Тел Авив-протести....

Мирот на Блискиот Исток се понеизвесен откако посредникот Катар реши да се повлече од преговорите за примирје. Непријателствата и нападите земаат замав. Американската и британската војска ги гаѓаа позициите на Хутите низ Јемен, Израел напаѓа во Газа и Либан. Црниот биланс расте. Иран се заканува дека конфликтот може да се прелее и во други региони. Во Тел Авив-протести. Властите на Израел велат-подготвени сме да платиме цена за да ги вратиме заложниците дома.
„Навистина не знам дали одлуката на Катар да ги прекине своите клучни напори за посредување меѓу Хамас и Израел е добра или лоша. Се надевам дека фактот што тие го туркаат Хамас да излезе од Катар ќе ги поттикне милитантите на склучување договор. Но, се разбира, потребно е некако да се натера и Нетанјаху да постигне договор“, изјави Јехуда Коен – татко на заложник.
„Испраќаме многу јасна порака до ХАМАС: израелските сили не се изморуваат. Што повеќе се бориме, толку посилни стануваме. Напредуваме со голем интензитет. Достигнувањето на договор е комплициран, но Израел му кажува на целиот Блиски Исток — овде постои огромна сила, ги поддржуваме нашите цивили и војници кои се во заложништво и сме подготвени да се бориме со огромна одлучност, како и да платиме цена за да ги доведеме дома. Не застануваме и не успоруваме, ова е за да ги вратиме заложниците, за да обезбедиме безбедност за околните заедници“, изјави Херзи Халеви – началник на Генералштабот на израелските сили.
