Украина

Украина лансираше беспилотни летала кон Москва

10.11.2024 13:20

Украина лансираше десетици беспилотни летала кон Москва. Привремено беа затворени три аеродроми во главниот град на Русија. Европската унија смета дека со мировен договор Киев ќе ги задржи териториите. САД само сакаат крај на војната, без гаранција за задржување територии....

Трамп преку свои советници упатува пораки дека Европа не направила ништо кога Русија го анектираше Крим, а сега дава задоцнета поддршка за Украина. За Вашингтон нема да биде приоритет Украина да ги зачува сите територии, туку ставање крај на војната.

„Во 2014 година кога Путин го нападна Крим, Европа не направи ништо. Сега Зеленски вели ќе има мир само откако ќе се врати Крим. Имаме новости за претседателот Зеленски. Крим го нема. И ако вашиот приоритет да го вратите Крим, американските војници нема да се борат за тоа. Тоа не е приоритет на Америка, туку мирот и да се запре убивањето“, изјави Брајан Ланза-поранешен советник на американскиот претседател Доналд Трамп.

Последната посета на шефот на европската дипломатија Борел на Украина е обид да се смири Зеленски дека ЕУ нема да го напушти како што тоа веќе го навести новиот американски претседател.

„Ова е посета со јасна цел, која доаѓа од Советот на Европската Унија во Будимпешта и по американските избори. Целта на оваа посета е да се нагласи дека поддршката на ЕУ за Украина останува непоколеблива, за да продолжите да се браните од руската агресија“, изјави Џозеп Борел-висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Украинскиот претседател Зеленски охрабрен што Украина го зголемила военото производство, сè уште смета дека мирот може да се освои со оружје.

„Годинава ја минавме границата на првите сто ракетни оружја и ќе го зголемиме производството. Денес над 800 компании работат на производство на оружје за нашите одбранбени и безбедносни сили. За првпат по повеќе од 30 години независност немаме само индивидуални инвестициски чекори од нашите партнери во Украина, туку системски модели за инвестирање. Конкретно како данскиот модел кој инвестира и привлекува инвестиции во производството. Се договоривме и со Франција за малку поинаков модел, кој вклучува технологија и изградба на соодветни производствени капацитети. Имаме и прелиминарни договори со нашите други партнери за производство на оружје во Украина. И ова е нешто што постојано ќе нè зајакнува“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Украина изврши еден од најголемите напади врз Русија со лансирање десетици беспилотни летала кон Москва. Поради ова руските власти привремено затворија три аеродроми во главниот град.

 

Ирина Гелевска