Валенција

Големи протести во Валенсија

10.11.2024 13:33

Над сто илјади луѓе на протест во Валенсија поради бавната реакција на локалните власт по смртоносните поплави. Удрија со кал на зградата на Градското собрание. Интервенираше полицијата...

„Ние сме извалкани со кал, вие со крв!“ – десетици илјади гневни граѓани на протест во Валенсија по поплавите кои зедоа стотици жртви, гневни поради лошиот одговор на власта. Бараат одговорност и оставки од регионалниот лидер, Мазон и премиерот Санчез. Калливи чевли и солзи останаа да сведочат по смртоносниот потоп кој можеше да биде спречен-велат демонстрантите.

„Знаеја дека ќе врне многу, не го предупредија населението, не го евакуираа народот. Умреа во своите куќи без да можат да излезат. Срамно! Бараме оставки“, изјави демонстрант.

„Кога испратија тревога, луѓето веќе умираа и се давеа. Така што беше бескорисно“, рече друг.

Регионалните влади во Шпанија се задолжени за справување со цивилната заштита и можат да побараат дополнителни ресурси од националната влада во Мадрид. Лидерот Мазон го бранеше своето справување со кризата велејќи дека неговата администрација не добила доволно предупредувања од централните власти. Тој е под голем притисок затоа што навремено не објави предупредување за поплавите.

„Има време официјалните лица да се повикаат на одговорност, сега е време да продолжиме да ги чистиме нашите улици и да им помогнеме на луѓето во обновувањето на домовите“ – изјави Мазон за регионалниот радиодифузер „А Пунт“.

Како изминуваше денот гласот на народот стана се посилен, трпеливоста се помала.

„Најлошото нешто што може да го има еден политичар е неспособноста. А потоа прикривањето на неспособноста“, рече друг демонстрант.

Мирниот марш се претвори во хаос откако група демонстранти се судри со полицијата. Уапсени се четири лица, а 31 полицаец се повредени. Валесијанската партија на народот тврди дека протестите биле политички мотивирани осудувајќи ја политичката и партиска злоупотреба на жртвите.

Бојана Крстевски