Филхармонија

Концерт на Роберт Бонфиљо - Паганини на усна хармоника во Филхармонија

11.11.2024 10:39

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Наостри ги сетилата“ на кој како солист на усна хармоника ќе настапи Роберт Бонфиљо од САД, а диригент е Борјан Цанев.

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Наостри ги сетилата“ на кој како солист на усна хармоника ќе настапи Роберт Бонфиљо од САД, а диригент е Борјан Цанев. На програмата се дела „Музичка жртва“ од Стојче Тошевски, Концертот за усна хармоника и оркестар од Х. Вила – Лобос и „Болеро“ и „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.

Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и со Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион. Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговиот 20-годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот.

Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Сајака Шоџи, Даниел Милер-Шот, Кирил Трусов, Серхио Тиемпо, Иља Гринголц, Акико Суванаи, Симон Трпчески, Алексеј Огринчук, Жанг Зуо (Зи Зи), Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Гзавие Филипс, Раби Абу-Калил, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други.

Роберт Бонфиљо е познат по епитетот „Паганини на усната хармоника“. „Лос Анџелес Тајмс“ го нарече така и со право овој виртуоз на усна хармоника ја воодушевува публиката ширум светот: Карнеги хол, Холивуд боул, Гевандхаус, Центарот Кенеди, Бостонската симфониска сала, Линколн центарот Во неговата биографија се истакнува и неговата изведба на современа музика од американскиот композитор Пол Моравек, кој ја освои Пулицеровата награда за композиција, со дело посветено токму на Бонфиљо. Инаку, Роберт Бонфиљо има магистратура по композиција од Школата за музика на Менхетен. Студирал хармоника со врвниот Чам-бер Хуанг, а 12 години негов ментор бил Ендрју Лолиа, прв флејтист на „Њујорк сити балет“, време кога Бонфиљо ги изучувал сите големи дела за хармоника и оркестар.