Израел и Хамас не попуштаат- расте бројот на жртви во Газа!
Израелскиот премиер Нетенјаху најави проширување на копнената акција. Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, изјави дека цел на борбата на неговата организација е да издејствува крај на блокадата која ја воведе Израел во 2007 година...

Портокалово е небото над Газа од жестока артилериска и копнена офанзива на израелската војска. Гранатирани џамии, спортски објекти и домови на членови на Хамас. Чад и мртви тела на улиците, сведоците раскажуваат за страшна глетка. Расет бројот на повредени и загинати. Иако претставници на ОН апелираа за итен прекин на огнот, двете завојувани страни не попуштаат.
Израелскиот премиер Нетенјаху најави проширување на копнената акција. Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, изјави дека цел на борбата на неговата организација е да издејствува крај на блокадата која ја воведе Израел во 2007 година.
Оваа неправедна опсада мора да биде укината со крв и храброст. 1,7 милиони жители на Газа ја подржуваат оваа идеја, изјави Ханија.
Во меѓувреме расте и бројот на луѓето кои ги напуштаат своите домови, според проценки на ОН, досега над 100.000 жители на Газа живеат во прибежишта.
„Моите две мажени ќерки со нивните фамилии дојдоа во мојот дом, бидејќи е побезбедно. Израелците бомбардираат без предупредување. Навистина сум во шок“, вели жител на Газа.
„Не можеме да ги заштитиме нашите деца и внуци. Што можеме да правиме кога не бомбардираат“, додава друг.
Американскиот државен секретар Џон Кери во Каиро се сретна со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, при што најави дека САД ќе обезбедат 47 милиони долари хуманитарна помош за Газа.
„Сочувствуваме со страдањата на палестинскиот народ. Нашата главна цел е прекин на насилството. Се надевам дека со мојата посета во регионот заедно со секретарот Кери ќе бидеме во можност да им помогнеме на двете завојувани страни да постигнат договор“, рече генералниот секретар на ОН.
„Ние сме тука да ја подржиме египетската иницијатива за прекин на огнот. Тоа е многу важно за сите нас. Се чека одлуката на Хамас за прекин на огнот, се надеваме дека ќе ја донесат вистинската“, нагласи државниот секретар на САД, Џон Кери.
Американскиот Стејт департмент ги предупреди своите државјани да не патуваат во Израел поради безбедносни причини. Турција прогласи тридневна жалост за жртвите.
Марија Петковска
