Подготвен е откупот на тутунот, Прилепскиот комбинат со цврсто стратешко партнерство
Во земјава се е подготвено за откупот на тутунот кој, законски, мора да почне на 15-ти ноември, а крајниот старт е дозволен до 15-ти декември. Има 10 откупувачи, но поголема побарувачка од понуда. Тутунарите сакаат повисоки цени, Министерството за земјоделство ветува будно следење на кампањата, а Прилепскиот комбинат го зацврствува стратешкото партнерство за пласман на странскиот пазар …

Се е подготвено за откупот на тутунот од годинашнава реколта. Десетте регистрирани откупувачи побаруваат 26.000, а тутунарите нудат производство од 17.000 тони тутун. Законскиот рок за почеток е 15-ти ноември, а крајниот – 15 декември. Тутунарите во договорите ги имаат ланските цени, а министерството најавува будно следење на состојбите.
Прилепскиот комбинат е подготвен да го преземе договореното производство
Комбинатот пет години е на цврсти нозе. Стратешкото партнерство му овозможи за 60 проценти да го зголеми производството на цигари и да извезува во 9 земји, дел и во европската унија. Девизниот прилив во националниот буџет е 120 милиони евра годишно.
„Фирмата која заеднички ја основавме „Филип Морис ТКП“ исто така бележи одлични резултати и во македонскиот буџет придонесува со преку 120 милиона евра годишно. Последниве две години производството на цигари е зголемено за повеќе од 60 проценти и плановите се вака да се продолжи“, изјави Иван Костиќ, генерален менаџер „Филип Морис тутунски комбинат Прилеп“.
Се очекува комбинатот да ја зацврсти соработката со стратешкиот партнер.
Елизабета Митреска
