Самит КОП29

Почна годишниот Самит за климата на ОН во Баку

11.11.2024 18:25

Почна годишниот Самит за климата на ОН во Баку. Итноста за новиот финансиски договор во фокусот на дискусиите во Азербејџан. Ќе им се помага на земјите во развој да ги пренасочат своите енергетски системи и да се прилагодат на идните климатски услови. Нациите мора да изградат отпорност во синџирите на снабдување, во спротивно целата глобална економија ќе клекне на колена-предупреди секретарот за клима на ООН. На Самитот кој трае до 22-ри ноември, учествува и македонската делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Наспроти Самитот, активистите за климата се собраа на протест …

Во Баку, Азербејџан, почна годишниот Самит за климата на ОН. На врвот на агендата-разговори за земјите кои треба драстично да ги намалат емисиите на стакленички гасови, но и прашањето за новиот финансиски договор што истекува годинава. Во средиштето на дебатите зголемувањето на температурите на океаните што предизвикува губење на атлантските, особено на голфската струја.

„На пат сме кон пропаст. Тоа не се идни проблеми, тие се веќе тука. Од поплавени домови во Шпанија до шумски пожари во Австралија, од кревање на водостојот во Тихиот Океан до запустени платоа во Источна Африка. Без разлика дали ги гледате или не, луѓето страдаат“, изјави Мухтар Бабаев, претседател на КОП 29.

Најновите анализи на Светската метеоролошка организација укажуваат на тоа дека 2024 година е на пат да биде најтоплата година досега. Со новиот договор за климата вреден околу еден трилион американски долари годишно ќе им се помогне на земјите во развој да ги пренасочат енергетските системи и да се приспособат на идните временски услови.

„Ако најмалку две третини од светските држави не можат да си дозволат брзо да ги намалат емисиите, не можат да изградат отпорност во синџирите на снабдување, целата глобална економија ќе клекне на колена “, изјави Симон Стиел, секретар за клима на Обединетите нации.

Напорите се насочени кон справување со забрзаното темпо на затоплување од 1,5 степени-повикаа од Светската метеоролошка организација.

„Ова е уште една СОС-порака за планетата. Имаме одговорност да го запреме прагот на затоплување на 1,5 степени на врвот на нашата агенда, а не постојано да го поместуваме“, изјави Селест Сауло, генерален секретар на Светската метеоролошка организација.

На Самитот кој трае до 22-ри ноември, учествува и македонската делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Освен нејзиното обраќање, предвидено е да остварат повеќе билатерални средби со шефови на држави и влади, како и средби со претставници на меѓународни организации.

 

Бојана Крстевски