Македонска делегација на фестивалот „Џифони“ во Италија

22.07.2014 11:14

Покрај врвната уметничка и едукативна програма, во рамки на Фестивалот ќе биде организирана и Македонска вечер...

Македонска делегација од денеска до петок учествува на најголемиот филмски фестивал за деца и млади „Џифони искуство“ во Италија.
 
Покрај врвната уметничка и едукативна програма, во рамки на Фестивалот ќе биде организирана и Македонска вечер. Учесниците ќе имаат можност да уживаат во вкусот на нашите домашни, традиционални производи, ајвар, слатко, сирење, вино,..., како и во музиката на Мухамед Ибраими.
 
Отворена ќе биде и изложбата „Запознај ја Македонија низ фотографија”, а ќе бидат поделени и брошури „Filming in Macedonia”, како и каталози на македонски филмови во периодот 2013/2014.
 
Според агендата, ќе се одржи и прес-конференција по повод воспоставената соработка меѓу Италија и Македонија на која ќе биде најавено и второто издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија” што треба да се одржи во првата половина на октомври 2014.
 
Предвидена е и ревија на македонски филмови. Прикажани ќе бидат краткиот анимиран „Алерик“ на Вук Митевски, како и кратките играни „Мангава Диско Панк“ на Саша Станишиќ, „Бардо“ на Марија Апчевска и „За Ангела“ изработен лани за првиот „Џифони“ во македонско-италијанска копродукција.
 
Годинашното 44. издание на „Џифони искуство“ се одржува од 18-27 јули под мотото „Биди различен“. Програмата е составена од 163 долгометражни  и  краткометражни  филмови.