Култура

Премиера на „Снег“ во режија на Зоја Бузалковска во МКЦ

12.11.2024 09:06

„Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, а во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла...

Денеска и утре од 20 часот, во Денсинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ) премиерно ќе се изведе претставата „Снег“, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на независниот театар „Штрих“. „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, а во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла.

За јапонската култура македонската публика знае многу малку, а јапонските прозни и драмски дела се ретко поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасната новела „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот.

„Снег“ зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.

Улогите ги толкуваат: Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Александар Степанулески, Јанка Лефкова, Ава Хусеини, Лазар Христов, Нела Павловска и Мартин Манев.