Руски напади на украинските позиции во Курск
Жестоки руски напади на украинските позиции во Курск. Претседателот Путин постави краен рок за заземање на регионот до крајот на годината. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека украинските сили се борат против 50 илјади руски и севернокорејски војници во областа.

Ескалира руско-украинскиот конфликт. Русија во регионот на Курск мобилизира околу 50.000 војници, меѓу нив е и контингент од Северна Кореја. Руски медиуми тврдат дека претседателот Путин дал јасни насоки, Курск мора да биде под целосна контрола на Москва до крајот на годината. Продолжуваат нападите и со беспилотни летала, двете страни нотираат цивилни жртви. Претседателот Зеленски ја потврди потребата од оружје со долг дострел.
„Нашите момци задржуваат прилично голема група руски војници – 50.000 окупаторски армиски персонал. Руските сили ја намалија количината на артилерија што ја користат, а тоа е забележливо на фронтот, затоа ни требаат решенија со долг дострел од нашите партнери – од Америка, Британија и Германија. Колку подалеку можат да погодат нашите ракети и беспилотни летала, толку помалку Русија ќе има вистинска борбена моќ“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, Северна Кореја го ратификуваше одбранбениот договор со Русија. Изминатиот викенд и Кремљ објави дека рускиот претседател Путин потпишал договор за меѓусебна одбрана со Пјонгјанг. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност предупреди за глобализацијата на војната.
„Без големото количество муниција што Северна Кореја и ја дава на Русија, Москва не би можела да продолжи да води војна. Северна Кореја и Иран се големите поддржувачи на Русија. Затоа, многу е загрижувачки што не само што обезбедува оружје, но и испраќаат војници што значи директно учество во војната. Досега колку што знаеме има 10.000 војници. Прашањето е дали ќе има повеќе во иднина? Односите меѓу САД и Украина ќе бидат клучни за продолжувањето на војната и исходот“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Се погласни се тврдењата дека војната мора да заврши. Западните земји, како што тврди СИ – ЕН – ЕН, почнале многу помалку да зборуваат за победа на Киев на бојното поле, а многу повеќе за преговори. Актуелната администрација во Вашингтон вели дека е важно финансирањето на Киев во тековната војна, а САД не треба да се оддалечат од Украина откако Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата претседател во јануари.
Маријана Димоска
