Се бараат решенија за повисоки плати
Државната статистика ќе објавува медијална плата. Синдикатите сметаат дека повисоки примања се неопходни поради зголемените трошоци за живот. Стравуваат дека земјава ќе остане без работници...

Државата бара решенија за повисоки плати за пристојна живејачка. Економистите сметаат дека просечната нето-плата не е реален одраз на примањата на населението и дека добро е да се објавува медијалната плата, која според дефиниција е плата што се наоѓа на средината кога во низа би се поредиле сите плати, од најниската до највисоката. Директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков, пак, вели дека се работи на тоа.
И граѓаните велат дека платите не се доволни да се покријат трошоците.
Синдикатите сметаат дека повисоки плати веднаш се неопходни поради зголемените трошоци за живот, но и поради растот на платите во регионот. Стравуваат дека земјава може да остане без работници.
Во предлог-буџетот за 2025-та во ставката плати се предвидени дополнителни 57 милиони евра, од кои дел ќе бидат за растот на платите во образованието, а дел за зголемување на минималната плата.
Според Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во септември изнесувала 41.100 денари, но не секој работник ги зема овие пари.
Борис Грујоски
