Наставник физички нападнал дете во основно училиште во Скопје
Во ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари, физички бил нападнат ученик од наставник по техничко образование во присуство на соучениците. Таткото пријавил во полиција, од МВР преземаат мерки за расчистување на случајот...

Наставник по техничко образование натепал ученик за време на час во училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари. Таткото на десетгодишното дете за МТВ вели дека по инцидентот, неговиот син веднаш му се јавил и му кажал дека наставникот му удрил шлаканици, нешто што го потврдиле и неговите соученици. Родителот го пријавил случајот и кај класниот раководител и кај директорот.
Директорот на основното училиште не сакаше да зборува пред камера, но не извести дека постапуваат во врска со настанот. И од МВР потврдија дека инцидентот е пријавен. Таткото поднел кривична пријава.
Таткото на детето разговарал со наставникот кој физички го нападнал детето, но тој негирал и кажал дека само го турнал. Тој стапил во контакт и со државниот просветен инспекторат, од каде добил одговор дека настанот не бил пријавен од страна на училиштето.
Таткото вели дека со кривичната пријава и цела медицинска документација ќе бара одговори од надлежните институции.
Александра Спировска
