Избрани најдобрите фотографии со мотиви од Скопје
22.07.2014 12:25
На конкурсот пристигнале вкупно 53 пријави, а четиричлената комисија од Град Скопје, по долготрајно и студиозно разгледување на пристигнатите фотографии избра три...

Град Скопје ги избра трите најдобри фотографии на конкурсот што го распиша на 15 јануари годинава за фотографии со мотиви од главниот град. На конкурсот пристигнале вкупно 53 пријави, а четиричлената комисија од Град Скопје, по долготрајно и студиозно разгледување на пристигнатите фотографии избра три кои во целост ги задоволуваа критериумите назначени во конкурсот.
Пристигнатите фотографии содржеа најразлични мотиви од секојдневието и животот во нашиот град, но повеќето од нив отсликуваа моменти од централното градско подрачје и тоа: Старата скопска чаршија, плоштадот „Македонија“ и градбите од проектот „Скопје 2014“ коишто се најживописни за фотографирање и се во фокусот на авторите на фотографии кои аплицираа на Конкурсот, соопштуваат од Град Скопје./
Комисијата одлучи да ги награди трите најдобри фотографии на авторите: Зоран Ефремов- 50 000 денари, Ламбро Патче- 40 000 денари и Зоран Ефремов- 30 000 денари.
Според пропозициите, мотивите на фотографиите требаше да се од Скопје, да се достават фотографии со различни мотиви од главниот град, по избор на доставувачот на фотографиите. По желба на доставувачот, можеше да се доставуваат и дневни и ноќни фотографии. Фотографиите не требаше да бидат постари од 5 години. На Конкурсот можеше да учествуваат професионалци и аматери, односно сите оние кои го сакаат фотографирањето да учествуваат со фотографии од своите приватни колекции.
Пристигнатите фотографии се разгледуваа под шифра, за да се овозможи објективност при оценувањето. Се оценуваа фотографии снимени во било која од општините кои се на територијата на градот Скопје. Комисијата оценуваше фотографии снимени во било кој временски период на едно деноноќие и фотографии снимени во било која сезона од годината.
