Божиновска од Баку: Реновирање на јавните објекти – приоритет за енергетска одржливост
Божиновска ги претстави напорите на Република Македонија за подобрување на енергетската ефикасност, особено во градежниот сектор. Таа ја нагласи важноста на иницијативата за нула-енергетски згради (NZEBs) како основен чекор за регионот во транзицијата кон нискојаглеродна иднина.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на панел-дискусијата „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“, која се одржува во рамки на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан. Настанот е посветен на можностите што ги нуди енергетската ефикасност како клучен двигател за одржлив економски раст и зајакнување на енергетската сигурност во регионот.
Божиновска ги претстави напорите на Република Македонија за подобрување на енергетската ефикасност, особено во градежниот сектор. Таа ја нагласи важноста на иницијативата за нула-енергетски згради (NZEBs) како основен чекор за регионот во транзицијата кон нискојаглеродна иднина. Според неа, неодамнешниот UNDP патоказ за регионот нагласува дека достигнувањето на NZEB стандарди е и технички и политички предизвик кој бара итно решавање.
Министерката Божиновска нагласи дека за Македонија, зголемувањето на енергетската ефикасност во градежниот сектор е еден од највисоките приоритети на националната климатска агенда и иако Македонија го постигна своето национално ниво од 30,5% за користење на обновливи извори на греење и ладење, преостанува потреба за насочени технолошки надградби за да се намали употребата на застарени системи со биомаса.
Министерката ги нагласи заложбите на Република Северна Македонија во насока на подобрување на енергетската ефикасност преку Законот за енергетска ефикасност, кој налага развој на долгорочна стратегија за реновирање на зградите во период од најмалку десет години.
Самитот COP29, кој се одржува од 10 до 15 ноември, ги обединува светските лидери, експерти и претставници на влади со цел да ги засилат глобалните акции за климатска заштита. Присуството на министерката Божиновска и нејзиното учество на панелот ја демонстрира посветеноста на Македонија кон заедничките цели за одржлива и нискојаглеродна иднина.
