Потпишани договорите за државна помош на германско-холандската инвестиција „Бреинчајлд“
Во Жабени ќе се произведува висококвалитетна опрема за спортови на вода и ветер. Инвеститори од Германија и Холандија потпишаа договори за државна помош. Вложувањето од 8,5 милиони евра треба да отвори 200 работни места...

Германско-холандскиот производител на висококвалитетна спортска опрема „Бреинчајлд“ го проширува производството и отвора нов капацитет. Во индустриската зона Жабени во Битола ќе изработува крила, едра и друга опрема за летање и сурфање. „Бреинчајлд“ има две подружници. Едната веќе инвестира во развој и набавка на нова современа опрема и машини, другата ќе произведува опрема и елементи.
Компанијата доби државна помош од Владата. Потпишани два инвестициски договори. Премиерот Мицкоски соопшти дека ќе се вложат над 11 милиони евра.
Опозициската СДСМ го обвини премиерот Мицкоски дека се кити со туѓи перја.
„Инвестицијата на „Бреинчајлд“ во Жабени, која беше најавена за време на владеењето на СДСМ, од првично планираните 13,5 милиони евра и околу 530 нови работни места, денес со потпис на Мицкоски е сведена на 8,5 милиони евра и едвај 200 вработувања. ВМРО-ДПМНЕ ја намали вредноста на инвестицијата за 5 милиони евра“, велат од СДСМ.
Ќе се вработат над 240 луѓе, а овој инвестициски циклус треба да почне во 2025-та година и да финишира за 5 години.
Викторија Милевска
