РОДИТЕЛСТВО

Модерното време донесе низа предизвици за родителите

12.11.2024 16:57

Модерното време донесе низа предизвици за родителите. Лекарите како клучен проблем го посочуваат растењето на децата со мобилен телефон, наместо во природа. Велат за здраво детство важно е и воспоставување семејна хармонија...

Се почесто младите во земјава се одлучуваат да создадат семејство во подоцнежниот период од животот. Причина е економската нестабилност, но повозрасните ќе го додадат и себичниот пристап кон родителството.

„Имаат посебичен пристап, не сакаат многу деца. Имаат нестандардно работно време, немаат доволно време да им обрнат внимание на децата, а децата бараат“, вели анкетиран граѓанин.

„Децата немаат анимација, образованието не е како што треба, лошо владение на улиците од други деца, има многу предизвици“, вели анкетирана граѓанка.

Модерното време донесе низа предизвици за родителите. Лекарите како клучен проблем го посочуваат растењето на децата со мобилен телефон, наместо во природа, а тоа влијае врз нивното здравје. Технологијата негативно се одразува и кај родителите.

„Тоа што јас го препознавам како клучен проблем е отуѓувањето на децата од реалниот свет. Ние пораснавме во природа, игравме по цел ден, мајките викаа по нас да дојдеме на ручек, сега тоа малку се промени, а тоа влијае на здравјето на децата“, изјави д-р Горан Вукмановиќ, специјалист по кардиологија.

„Современите родители на социјалните мрежи го перципираат родителството на поинаков начин. Некои родители стануваат анксиозни поради тоа што некои родители му овозможиле на детето да слави роденден, насмевки, се прашуваат дали и тие би можеле да создадат таква слика“, изјави д-р Амра Јунузовиќ Калиќ, специјалист по педијатрија.

На младите родители при раѓањето на детето неопходна им е поддршката од семејството – додаваат педијатрите. Жените додека се бремени фокусирани се само на породувањето, но не и на доењето.

„Се се случува во првите четири до шест недели, доколку тој период и мајката и детето го поминат успешно, понатаму доењето ќе биде успешно. Ќе бидат среќни со тој начин на исхрана, со емотивниот контакт и инвестицијата во здравјето и за мајката и за детето“, изјави д-р Мирјана Поп Лазарова – педијатар неонатолог.

Родителите им веруваат на педијатрите – беше заклучено на конференцијата посветена на родителството. Не бараат антибиотик на секој позитивен брис.

Динамичното секојдневие неминовно предизвикува стрес кај секој од нас, но суштински е важно воспоставување семејна хармонија, како клучен предуслов за здравство детство.

 

Андријана Ѓурческа