Седница

Јавна расправа за кандидатите за именување на членови на Советот на АВМУ

13.11.2024 08:21

Вкупно 24 кандидати ќе се борат за седумте нови места во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги...

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Вкупно 24 кандидати ќе се борат за седумте нови места во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Тие веќе го поминаа „филтерот“ на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по што на јавна расправа ќе одговараат на прашањата од пратениците.

Профилот на кандидатите за членови на Советот е разнолик и дел од нив, меѓу другото, се и правници, новинари, аналитичари, информатичари. Меѓу нив има и актуелни членови на Советот, но и вработени на други позиции во АВМУ.

На јавниот конкурс беа пријавени 31 еден кандидат, во меѓувреме еден се откажал, а шестмина беа дисквалификувани на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која се одржа на 4 ноември, зашто не донеле уверение за државјанство и останаа 24.

Собранието со двотретинско мнозинство треба да ги избере седумте члена на Советот на АВМУ.