Бугарија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, но бара договор за добрососедство
Бугарскиот министер за одбрана, на првата официјална средба со македонскиот колега во Софија со порака- принципот за добрососедство не вклучува настани со кои се извртува историјата и се креира антибугарска клима во регионот...
Бугарија ги поддржува македонските евро-атлантски аспирации, но бара - земјава да ги исполни критериумите за членство, меѓу кои е и потпишување на договорот за добрососедство и соработка. Бугарскиот министер за одбрана, на првата официјална средба со македонскиот колега во Софија со порака- принципот за добрососедство не вклучува настани со кои се извртува историјата и се креира антибугарска клима во регионот.
„Договорот за добрососедство и соработка останува основен приоритет и услов за развој на билатералните односи и нашата поддршка за членство. Затоа, во најскоро време очекуваме напредок во таа насока“, рече министерот за одбара на Бугарија, Ангел Најденов.
Членството во Унијата и во НАТО се стратешки цели на Македонија, па оттаму, како што истакна министерот Јолевски, поддршката од пријателска Бугарија е од исклучително важност.
„Интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО ќе придонесе за зајакнување на стабилноста, безбедноста и просперитетот не само на нашата земја, туку и на регионот и Европа во целина“, нагласи министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Бугарската страна испорача барање за формирање на експертска комисија која ќе ја афирмира можноста за подигнување на споменици на бугарски армиски великани и реставрација на бугарските воени гробишта во нашата земја. Ова барање засега стои само како иницијатива и не е дел од пакетот услови за поддршка.
За 2014-та министерствата потпишаа план за воена соработка кој опфаќа 17 точки со акцент на едукација на кадрите, размена на искуствата и консултации во делот на реформирањето на вооружените сили. Министерот Јолевски истакна дека досегашните учества во заедничките вежби и соработката во регионалните иницијативи се потврда за интензивна одбранбена соработка.
Анита Димитријевска, специјален известувач за МРТ од Софија
