Украина

Русија изврши напад врз Украина со крстаречки ракети, на удар Киев

13.11.2024 10:04

Серија руски напади врз Украина. Сирените за тревога вклучени речиси на целата територија на земјата. Се засилуваат и напорите на сојузниците за воена и финансиска помош на земјата...

Сирени за воздушна опасност насекаде во Украина. По повеќе од два месеца Русија изврши масовен напад со балистички и крстаречки ракети врз Киев. Продолжува со напади врз енергетската инфраструктура додека нејзините трупи напредуваат на фронтот. Во момент кога победата на Трамп го активира алармот за Украина, американскиот државен секретар на разговори во Брисел. Ќе се обиде да ја забрза испораката на помош за Киев. Пентагон внимателно ја следи ситуацијата во Курск откако Москва издаде наредба да се врати контролата во регионот зголемувајќи ги воените ресурси со севернокорејски единици.

„Продолжуваме да ја следиме ситуацијата да се осигураме дека Украина има потребни ресурси во смисла на безбедносна помош за да се брани од руската агресија и ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите сојузници и партнери за следните чекори“, изјави Патрик Рајдер, портпарол на Пентагон.

Шефот на НАТО Руте по состанокот со францускиот претседател Макрон, претходно истакна дека сојузниците мора да останат обединети и да ја зголемат поддршката за Киев за да може да го смени текот на конфликтот. Посочи дека Русија, Кина, Иран и Северна Кореја се закана за светот.

„Треба да ги зголемиме трошоците за Путин и неговите авторитарни пријатели со што ќе и ја обезбедиме на Украина потребната поддршка за промена на траекторијата на конфликтот. Русија, која работи заедно со Северна Кореја, Иран и Кина, не само што ја загрозува Европа туку ги загрозува мирот и безбедноста и во Индопацификот и во Северна Америка. Затоа мора да застанеме заедно за да го одржиме нашиот народ безбеден и просперитетен“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

„Тоа е единствениот пат кон преговорите и сакам да бидам јасен, кога ќе дојде време ништо не треба да се решава за Украина без Украинците и за Европа без Европејците“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Киев се надева на поголема поддршка и помош од партнерите за оружје со долг дострел наспроти долгата зима и стравувањата од нови напади врз енергетската инфраструктура.

 

Бојана Крстевски