Груевски: Е-залог за подобра бизнис клима
Со инвестицијата од 250.000 евра во надградба на Заложниот регистар се спроведе последната компонента од втората фаза на проектот „Едношалтерски систем“...

Стартува електронскиот залог. Новиот систем ќе ја замени хартиената форма. Препознатливиот изглед на залогот и корисничкиот налог остануваат, но регистрацијата и плаќањето ќе се вршат целосно електронски, што ќе доведе до пониски трошоци, помалку загубено време и подобра бизнис клима.
Според премиерот Никола Груевски, со електронскиот залог се подигнува нивото и стилот на работа во Заложниот регистар. Ова претставува уште еден проект во низата, со кој преку воведување нова технологија се создава можност целокупниот процес на регистрирањето на залогот и плаќањето на надоместот да се прави по електронски пат преку интернет.
„Со тоа ги кратиме редовите на шалтер, го штедиме времето на корисници на услуги, го подобруваме квалитетот на услугата, а со тоа го олеснуваме водењето бизнис“, рече премиерот Груевски на денешната промоција на системот.
В.д. директорот на Централниот регистар Андреа Поповски, појасни дека системот за е-залог е пандан на постојниот процес на регистрација во хартиена форма.
„Разликата се состои во можноста целокупниот процес да се спроведе преку интернет без потреба од физичко присуство, а само со примена на дигитални сертификати како средство за идентификација на подносителот“, нагласи Поповски.
