Баку

Средба Сиљановска Давкова - Радев: Разговорите се значајни за добрите односи меѓу двете држави

13.11.2024 12:09

Претседателката Сиљановска-Давкова на неформална средба со нејзиниот бугарски колега, Румен Радев во рамките на Самитот за климатски промени во Баку. Двајцата констатирале дека разговорите се значајни за добрите односи меѓу двете држави. Македонската претседателка посочила дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни, и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија...

Македонската претседателка Сиљановска-Давкова и нејзиниот бугарски колега Радев се сретнаа во Баку, Азербејџан, на маргините на Самитот за климатски промени. Размениле мислења за унапредување на односите меѓу двете соседни држави. Како што соопштија од претседателскиот кабинет, на средбата, која траела еден час и била во конструктивна атмосфера, се разговарало за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, но и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од заемен интерес. Двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.

Македонската претседателка ја потенцира важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни, а решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија, велат од кабинетот на Сиљановска-Давкова. Според бугарскиот претседател Радев, потребно е брзо решавање на отворените прашања и воспоставување добри односи во сите области од заемен интерес, за полесно меѓусебно разбирање.

Претседателката Сиљановска-Давкова го поканила Радев да ја посети Македонија, истакнувајќи дека „вратите во Скопје се отворени“ и дека се надева на идни разговори кои ќе придонесат за јакнење на односите меѓу двата народа. Првата средба меѓу двајцата државници се случи точно пред два месеца во Софија, но Радев ја пречека Сиљановска-Давкова без македонското знаме.

 

Милчо Велевски