Масовен напад на Русија врз Украина
Русија изврши масовен ракетен напад врз Киев. Жртви во Херсон. Се затвора руската стапица за украинските баталјони во Курск. Пентагон внимателно ги следи случувањата. По победата на Трамп американскиот државен секретар Блинкен на средби во Брисел. Се бара поддршка за Киев. Кремљ со реакции за зголемената американска воена инфраструктура во Европа…

По повеќе од два месеца, Русија одново изврши масовен напад со балистички и крстосувачки ракети врз Киев. Нападите со дроновите и на двете страни не престануваат. Се затвора и руската стапица за украинските баталјони во Курск. Пентагон и натаму тврди дека на теренот се и севернокорејските војници. Состојба со Херсон на Дњепар е драматична.
„Имаше три силни експлозии, мислев дека куќата е крената во воздух.“
„80 насто од становите се оштетени. Експлозивниот бран ги искрши прозорците, го откина покривот и облогите“-велат жители на Херсон.
Откако изборната победа на Трамп го активира алармот за Украина, американскиот државен секретар Блинкен на средби во Брисел. Со шефот на НАТО, Руте повтори-поддршката на Киев да продолжи.
„Треба да направиме повеќе Украина да може да продолжи да се бори и да возврати на рускиот напад со што ќе се спречи успехот на Путин во Украина. Веќе некое време знаеме дека Кина преку заобиколување на санкциите, преку испорака на стоки со двојна употреба во Русија ги помага воените напори. Иран тоа го прави со технологијата на беспилотни летала“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Според Блинкен, НАТО ќе продолжи со засилена агенда во последните денови од администрацијата на Бајден за секој ветен долар да биде испратен во Украина до 20 јануари кога Трамп ја презема функцијата во Белата куќа.
„Да ги насочиме нашите напори во обезбедување на Украина со пари, муниција и мобилна жива сила за ефикасна битка во наредната година, но и за да може да преговара за мир. Претседателот Бајден е посветен секој долар што го имаме на располагање да биде испратен во Киев“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Кремљ реагираше-зголемената американска воена инфраструктура во Европа е обид за ограничување на воениот потенцијал на Русија.
„Ако се сеќавате Путин беше многу активен во преговорите во кои изрази загриженост во врска со плановите на САД за создавање зони за противракетна одбрана во Европа. Уште тогаш инсистиравме дека зборовите на Американците дека тие планови биле насочени против безначајната иранска закана, всушност беа лага. Ова потврдува дека претседателот Путин е во право“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
САД неодамна успеаја да обезбедат осум милијарди долари безбедносна помош за Украина. Киев се надева на поголема поддршка и помош од партнерите за оружје со долг дострел и дозвола за нивно користење. Веќе втора година Москва ја гранатира украинската енергетска инфраструктура со што ја користи долгата и студена зима како сојузник.
Бојана Крстевски
