Кривичен суд

Продолжи судењето за двојното убиство, се испитуваат сведоци на Обвинителството

13.11.2024 13:25

Во Кривичниот суд ново рочиште за убиството на 14-годишната Вања и велешанецот Панче. Сведочеше блиска роднина на убиената Вања Ѓорчевска…

„Пишете му на Илон Маск за да ни помогне да ја најдеме Вања преку сателит“-сведочење на блиска роднина од семејството на Вања цитира што ѝ велел таткото Александар додека трагале по девојчето.

Сведокот рече дека прегледувале снимки, кои ги носел таткото на Вања. За тоа време, таткото Александар Ѓорчевски ѝ велел на мајката да не се секира и дека ќе ја најдат Вања.

„Постојано излегуваше, доаѓаше, беше вознемирен. Едно време ми велеше да пратам порака на Илон Маск за да ја најде преку сателит“, рече сведокот Маја Спироска, прва братучетка на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска.

Рочиштето продолжи со сведочења на Лита Ќириќ и нејзиниот сопруг Ѓорѓи Џолев, кој е член на партијата Десна.

Ќириќ сведочеше дека таа била сопственик на возилото „Рено кангу“ во кое според обвинителството бил Палевски кога била киднапирана Вања. Кажа дека возилото го дале на партијата за селењето на седиштето од Кисела Вода во Центар кај „Веро џамбо“. Потоа возилото останало во партијата.

Џолев зборуваше за неговите активности во партијата. Меѓу другото, кажа дека додека седиштето на партијата било во Кисела Вода видел пиштол во футрола, за кој претпоставил дека бил на Палевски.

Уште еден сведок кој се појави денеска на рочиштето во Кривичниот суд, Кирил Тренчовски, рече дека видел пиштол во штабот на Десна во Кисела Вода.

Известува Ирина Гелевска