Меморандум за соработка

Бизнисот може да ја поттикне корупцијата, но и да ја спречи

13.11.2024 14:13

Нема профит без владеење на правото. Бизнисот може да ја поттикне корупцијата, но и да ја спречи. Стопанската комора и „Транспаренси интернешнл“ ја официјализираа долгогодишната соработка со потпишување меморандум…

Без владеење на правото нема профит и бизнис. Со години се процесуираат предметите од Антикорупциска до Јавното обвинителство, велат од бизнис-заедницата. Борбата со корупцијата е еден од приоритетите на Стопанската комора изминатите три години. И државата е исправена пред истиот предизвик, ама само на хартија, додаваат.

„Владеењето на правото е темел на нашето работење, ако нема владеење на правото, загрозен е профитот, загрозено е самото работење. Без тоа нема бизнис, тоа веќе сите добро го знаеме. Долго време како да немаме стратегија да нешто направиме повеќе во делот на сузбивање на корупцијата, иако мислам дека имаме доволно организации кои учествуваат во тоа и кои добиваат меѓународна поддршка“, изјави претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Компаниите реагираат поради несоодветни инфраструктурни решенија на граничните премини. Велат, со години е расипана вагата за мерење граничен премин каде што поминуваат по 600 камиони дневно. Протокот на стоки е загрозен од инфраструктурата, а тесните грла создаваат простор за корупција, велат од бизнис-заедницата.

Бизнисот може да ја поттикне корупцијата, но и да ја спречи, потенцираа од „Транспаренси интернешнл“.

„Бизнис секторот е секогаш она кохезивно ткиво во општеството кое може да придонесе за корупцијата, меѓутоа и со добриот интегритет и со доброто однесување може да ја спречи корупцијата“, нагласи претседателот на „Транспаренси интернешнл“, Благоја Пандовски.

Комората и „Транспаренси интернешнл“ ја официјализираа долгогодишната соработка со потпишување меморандум.

Александра Велинова