Новата администрација на Доналд Трамп полека се комплетира
Објавени имињата на луѓето што ќе ги водат клучните позиции во САД. Новата администрација на Доналд Трамп полека се комплетира. Јавносат во исчекување на потезите на новиот шеф на Белата куќа за распределбата на финансиите, економијата, миграцијата, војната во Украина и на Блискиот Исток. Денеска средба Бајден-Трамп во Белата куќа...

Новата администрација во Вашингтон полека се комплетира. Веќе се објавени имињата што ќе ги предводат клучните позиции и ќе носат одлуки. Долгогодишниот водител на телевизијата „Фокс Њуз“, Пит Хегсет планирано е да биде нов секретар за одбрана. Нов директор на ЦИА најверојатно ќе биде поранешниот директор на Националната разузнавачка агенција Џон Ретклиф. Светската јавност во исчекување на потезите на новиот шеф на Белата Куќа за распределбата на финансиите, економијата, војната во Украина и на Блискиот Исток.
„Претседателот Бајден е посветен да се погрижи секој долар што го имаме на располагање да биде испратен од сега до 20 јануари“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Американските аналитичари предвидуваат при изборот на кандидатите ќе биде земена предвид и визијата на Трамп за „Америка на прво место“. Пресудно за гласачите беше и состојбата со мигрантите во САД. Гувернерката Кристи Ноем планирано е да раководи со Одделот за домашна безбедност за да го исполни заветот на Трамп да ги обезбеди границите и да ги протера мигрантите.
„Јас не сум поддржувач на масовна депортација. Јас сум поддржувач да се осигуриме дека нашите граници се безбедни. Кој е условно пуштен во оваа земја, има пат до вработување за да може да си обезбеди егзистенција“, изјави Ерик Адамс, градоначалник на Њујорк.
Веќе назначена на позицијата, шефица на кабинетот на Трамп е Сузи Вајлс. Новоизбраниот американски претседател Трамп планира да го назначи сенаторот Марко Рубио за државен секретар, а Мајк Волц за советник за национална безбедност. Скот Бесент, нашироко се смета за главен кандидат за секретар за финансии. Милијардерот Илон Маск и поранешниот републикански претседателски кандидат Вивек Рамасвами најверојатно ќе го водат новиот Оддел за владина ефикасност. За денеска е најавена средба на претседателот Бајден со новоизбраниот претседател Трамп со цел да се осигури дека транзицијата оди добро, велат од Белата Куќа.
„Искрено, кога станува збор зошто претседателот Бајден го прави ова, затоа што верува во нормите и во мирен трансфер на власта. Американскиот народ заслужува мирен трансфер на власта и непречена транзиција“, изјави Карин Жан-Пјер, портпарол на Белата куќа.
Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон вели дека со нетрпение очекува да работи со обединета влада по републиканските победи на изборите изминатата недела.
Сините седишта ги превртевме во црвено како што планиравме и го задржавме ова мнозинство. Очекуваме дека мнозинството ќе биде поголемо од минатиот пат. Со нетрпение очекуваме да владееме во обединета влада почнувајќи од јануари“, ијави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом.
Изборниот колеџ од сојузните држави треба да гласа за кандидатите според волјата на избирачите на 17-ти декември, додека новото свикување на Конгресот ќе ги потврди резултатите од гласањето на 6-ти јануари. Инаугурацијата на Трамп ќе се одржи на 20-ти јануари.
Маријана Димовска
