Главниот град го слави ослободувањето

Скопје се сака со сите мани и предности

13.11.2024 16:35

Нечисто, загадено, преизградено, хаотично и наш дом. Скопје одбележува 80 години од ослободувањето …

Еден град, безброј приказни. На двата брега на Вардар, под Водно и Скопска Црна Гора, Скопје жилаво се издига, расте и опстојува низ векови во своите препознатливи обичаи, своевидни ритуали. Ги нема маалата, ама навиките, оние убавите, останале. Не постојат утра во кои може да се одолее на топлиот симит, скопскиот специјалитет за сите генерации. Мами неговата миризба.

А, скопјани си го знаат занаетот. Скопски е да се отиде на боза и лимонада, патем да се изеде некоја тулумба, во маалската слаткарница секогаш ведриот сопственик ги пречекува скопјани со домашно подготвени производи по рецептот на неговите предци.

А каде ќе се споделат најважните муабети за градските интриги, ако не во берберница. Долга и убава урбана традиција. Градот си го живее својот ден во ритамот на есента.

Занаетчиите ги чекаат нашинците пред новата година, да дојдат за да ги размрдаат и да го зголемат прометот.

Кога сте во чаршијата нема да можете да ги одминете ќебапчилниците, дури и да сте прејадени. Не си скопјанец ако не вкусиш костен печен на жар, ама и кикиритки тазе печени среде улица.

Ова е најбезбедниот град на Балканот и тоа им го кажувам на туристите, вели еден од туристичките водичи.

Дека ни е посакуван градот, говори тоа што сè повеќе странци се запишуваат на нашите факултети.

Нашите сограѓани си го сакаат со сите маани и предности и каков што бил и каков е сега.

Скопје го празнува своето ослободување, многумина ни кажаа дека се незадоволни од превозот, насобраните ѓубришта, загадувањето, хаосот во градежништвото, но дека своето Скопје не би го дале за ништо на светот. Затоа што веруваат дека сето ова ќе стане минато, дека градот убав пак ќе никне …

Фиљана Кока