Словенија

Работна посета на директорот Јанев на Р. Словенија

13.11.2024 20:28

Директорот Јанев оствари средби со министерот за внатрешни работи на Р. Словенија г. Боштар Поклукар и со генералниот директор на полицијата на Р. Словенија г. Сенад Јусиќ...

Денеска во Љубљана, Словенија директорот на Бирото за јавна безбедност, г. Александар Јанев ја предводи македонската делегација која е во прва работна посета на Р. Словенија, која е организирана и реализирана во рамки на Проектот Поддршка на ЕУ за владеењето на правото.

Директорот Јанев оствари средби со министерот за внатрешни работи на Р. Словенија г. Боштар Поклукар и со генералниот директор на полицијата на Р. Словенија г. Сенад Јусиќ.

На средбите беше потенцирана и искрената и силната поддршка која Р. Словенија ја дава за помош во сите области, вклучително и во процесот на приближување на Македонија до Европската Унија. Експерти од Словенија активно учествуваат во проектот за зајакнување на владеењето на правото во Македонија. Се разговараше и за помошта која ја добиваме од страна на словенечките полицајци во рамките на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) кои помагаат во граничната контрола.

Целта на посетата е исто така Министерството за внатрешни работи посветено да работи во зајакнување на своите капацитети за спроведување на напредни истражни техники и поттикнување на меѓународната соработка во борба против организираниот криминал. Оваа посета има за цел да обезбеди размена на искуства и добри практики кои ќе ги поддржат тековните структурни промени во рамките на МВР во крајна линија унапредувајќи ја оперативна ефективност и меѓуинституционална соработка.

Во рамки на посетата беше реализирана Работилница, организирана од страна на словенечкото министерство за внатрешни работи, која вклучуваше презентација на развојот на нивната моментална систематизација. Работилницата се фокусираше на консолидирање на практиките во рамките на прикриените операции и криминалистичкото разузнавање и анализа, вклучувајќи презентации, студии на случај и дискусии со цел поттикнување детално осознавање и анализа на развојните процеси.

Двете министерства ја потврдија заедничка посветеност и заложба за придонес кон побезбеден регион преку споделување на знаење, ресурси и заеднички истраги.

Работиме посветено да направиме полиција која ќе биде со исклучителни перформанси, со силен интегритет, врвна професионалност и адаптирана на европските вредности.