САД

Апсолутна победа на Републиканската партија во САД

14.11.2024 09:26

Доналд Трамп со апсолутна победа. Покрај челното место во државата, Републиканската партија го освоија мнозинството во Сенатот, а го задржа во Претставничкиот дом...

Изборите во САД завршија со апсолутна победа на Републиканската партија. Доналд Трамп се врати во Белата куќа, го освоија мнозинството во Сенатот, кое досега го имаше Демократската партија и го задржа во Претставничкиот дом. Сенаторот Џон Тун е избран за лидер на мнозинството во Сенатот и ќе го замени сенаторот Мич Меконел, кој беше на оваа позиција изминатите 18 години.

„Американскиот народ гласно ги отфрли неуспешните политики на агендата на Бајден, Харис, Шумер. Ќе се погрижиме претседателот и неговиот тим да ги имаат алатките и поддршката што им се потребни за да ги спроведат законите за безбедност на границата. Ќе работиме на враќање на американската енергетска доминација и ќе ја зајакнеме нашата национална безбедност“, изјави сенатор Џон Тун, републиканец од Јужна Дакота, нов лидер на мнозинството во Сенатот.

Соодносот во Долниот дом во моментов е 218-208 за републиканците, а гласовите сè уште се бројат во девет изборни места. СИ-БИ-ЕС проектира дека конечниот број на републикански места најверојатно ќе стигне помеѓу 220 и 222.

„Сериозни времиња бараат сериозно лидерство. Тоа ќе биде администрација и Конгрес управувани од агендата на политиката. Искрено, мораме да ја поправиме речиси секоја област од јавната политика“, изјави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом.

Вчера, околу два часа траеше средбата Бајден-Трамп во Белата Куќа. Било разговарано за прашања од внатрешната и надворешната политика, војната во Украина. Бајден му вети на Трамп мирен трансфер на власта.

„Претседателот Бајден го засили својот став дека САД постојано се со Украина и тоа е во наш национален безбедносен интерес. Силна и стабилна Европа, застанувајќи против агресорите и диктаторите и возвраќајќи против нивната агресија е од витално значење за да се осигураме дека нема да бидеме вовлечени директно во војна“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.

„Важно е да имаме непречена транзиција. Претседателот ја почитува волјата на американскиот народ“, изјави Карин Жан-Пјер, прес-портпарол на Белата куќа.

Продолжува објавувањето на номинациите за челните позиции. Доналд Трамп, и официјално го номинираше сенаторот од Флорида, Марко Рубио за државен секретар. Конгресменот од Флорида, Мат Гец е номиниран да биде јавен обвинител, односно министер за правда. Гец беше еден од најжестоките сојузници на Трамп од 2017 кога прв пат влезе во Конгресот.

 

Маријана Димовска