Филков: Продолжуваме со реформи во правосудството
Реформите во правосудството, според Филков се одвиваат во согласност со Развојната секторска стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028 со нејзиниот Акциски план...

Министерот за правда Игор Филков осврнувајќи се на извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата држава во делот на правосудството, рече дека тој дава реален приказ на достигнувањата и состојбите, но истиот претставува и поттик за испорачување на потребните реформи. Реформите во правосудството, според Филков се одвиваат во согласност со Развојната секторска стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028 со нејзиниот Акциски план, а во наредниот период клучен приоритет ќе биде да се реконституира Советот за следење на имплементацијата на Развојната секторска стратегија за правосудство.
Министерот Филков говореше и за состојбата која ја затекнал во Министерството за правда, празниот буџет, нерационалност и крајна девастираност на институцијата.
Министерот соопшти и дека после 8 години, Комората на вештаци конечно стана функционална и извршен е упис во Централен регистар.
„Формиравме 16 професионални одделенија, назначени се нивни раководители и заменик раководители. На 25.09.2024 година, беше одржана седница на Основачкото собрание на Комората на вештаци. На седницата на основачкото собрание беа избрани органите на комората и донесени основачките акти на комората. Функционалната Комора на вештаци претставува клучен чекор кон подобрување на правниот систем и создавање силен механизам за контрола и поддршка на вештаците во Македонија. Комората ќе биде одговорна за лиценцирање, едукација и надзор на вештаците, со што ќе се обезбеди дека тие работат според професионални и етички стандарди. Ова, пак ќе ја зголеми довербата во правосудниот систем и ќе придонесе кон фер и објективни правни постапки“, рече министерот за правда Игор Филков.
