Димитриеска-Кочоска: Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента
Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските, нагласи министерката за финансии.

Почна комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025-та година. Во Собранието тензична дебата меѓу власта и опозицијата. Буџетот го образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските, нагласи министерката за финансии.
Според Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.
Опозицијата најави дека нема да го поддржи ваквиот недомаќински и неразвоен буџет.
СДСМ нема да гласа за ваквиот буџет. Како одговорна опозиција поднесовме над 200 амандмани за подобрување на клучните фискални политики, истакна претседателот на СДСМ и пратеник, Венко Филипче.
