По сторијата на МТВ, конечно почна расчистувањето на сметот во центарот на Скопје
Откако Македонската телевизија го отвори случајот, конечно почна расчистувањето на дивата депонија во строгиот центар на Скопје. Но, остана впечатокот дека институциите предолго си ја префрлаа одговорноста кој е надлежен да го отстрани сметот. Наталоженото ќе се чисти со денови …

По пријава од МТВ, конечно почнаа да се чистат купиштата ѓубре натрупани со години. Но институциите и натаму си ја префрлаат топката каде е одговорноста за сметот кој се наоѓа близу до најфреквентниот булевар „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје. Од Град Скопје тврдат дека сите диви депонии се надлежност на општината на чие земјиште се наоѓаат или на правното или физичко лице доколку имотот е приватна сопственост.
Дел од земјиштето е на булеварот, дел приватна сопственост. Од Општина Центар велат надлежен за тоа е градот. Но откако Македонската телевизија ги информираше инспекторите дека наспроти најголемиот трговски центар во Скопје има мини депонија излегоа комуналните инспектори и експресно почнаа да ги расчистуваат купиштата смет.
До понеделник оваа депонија ќе биде минато, уверува главниот инспектор на Општина Центар и апелира сите да постапуваат согласно своите надлежности.
Македонија донесе Стратегија за управување со отпад до 2030 година. Со заем од Европската банка и грант од Европска унија требаше да се градат 5 регионални депонии, но и тоа остана само најава. Според проценките во земјава има над 2.000 диви депонии.
Викторија Милевска
