Новите поројни дождови го вклучија црвениот метеоаларм во Шпанија
Две недели по катастрофалните поплави кои ја зафатија Валенсија, Малага е под црвен метеоаларм. Евакуирани се три илјади жители. Силниот дожд предизвика излевање на реките. Суспендирана е брзата железничка линија меѓу Малага и Мадрид, откажани се летови...

Новите поројни дождови во Шпанија го вклучија црвениот метеоаларм во Андалузија и Каталонија. Најкритично во Малага. Училиштата затворени, жителите евакуирани. Излеаните реки ги поплавија улиците и го блокираа целиот сообраќај. На брегот на Марабела формирано торнадо. Службите за итни случаи интервенирале на повеќе од илјада повици. Лошите временски услови ги активираа службите и во Гранада. На истокот во Каталонија, пак, најпогодена е Тарагона.
Новото невреме доаѓа на само две недели по смртоносните поплави кои зедоа стотици жртви во Валенсија-регионот кој денеска повторно беше посетен од шпанскиот крал Филип кој се соочи со гневната толпа која ги обвинува властите за задоцнетите реакции.
Експертите велат дека циклусите на суши и поплави се зголемуваат со климатските промени-тема за која се дебатира на самитот во Азербејџан. Иако проекциите за затоплувањето на климата во Парискиот договор од 2015-тата предвидуваа пад на температурите, сепак не се случи тоа.
„Уште еднаш водат до истата проценка на температурата за крајот на векот, нешто околу 2,7 степени. Може да се каже дека не е многу променето. Кривата не се намалува“, изјави Софија Гонзалес-Зунига – главен автор на студијата за климата.
За климатските промени се дебатираше и во Европскиот парламент. Ставовите поделени.
„Мора да бидеме подготвени кога ќе настапи следната катастрофа, да го зајакнеме европскиот капацитет за одговор со дополнително унапредување на механизмот за цивилна заштита на ЕУ за да се увериме дека целосно одговара на предизвиците што претстојат, вклучително и со соодветно финансирање“, изјави Јанез Ленарчиќ – Еврокомесар за управување со кризи.
„Ако немаме соодветна инфраструктура, ако градиме куќи каде што не треба, ако не ги исчистиме олуците, тогаш смртта ќе се врати. Јас сум од Валенсија и знам за што зборувам“, изјави Естебан Гонзалез Понс – Шпанија „Група на Европската народна партија“.
Климатолозите тврдат дека временските катастрофи во иднина ќе станат се понеизбежни со растот на глобалното затоплување на планетата за кое главно е виновен човекот.
Бојана Крстевски
