Стручната комисија сè уште го проверува случајот со починатото петгодишно дете
Стручна комисија ја проверува медицинската документација за случајот со петгодишно дете. Се чека извештајот. Главниот сомнеж е на енцефалит. Една од главните забелешки по извршениот надзорот на Детска клиника беше дека не може да дежураат само специјализанти. Надлежните најавија вработувања, но, тоа само ќе го ублажи проблемот.

Стручна комисија ја проверува медицинската документација за случајот со петгодишно дете кое пред една недела почина на Детската клиника. Сомнежот упатува на воспаление на мозокот. Една од главните забелешки на ДСЗИ, во неколку наврати по извршени надзори, беше дека не може да дежураат само специјализанти. Веќе истекува рокот од 30 дена до кога Детската клиника треба да го надмине проблемот.
„Ние како државен санитарен и здравствен инспекторат во деновите што следуваат ќе направиме контролен инспекциски надзор и ќе утврдиме дали е постапено согласно нашето решение. При работата на специјализант секогаш треба да има помлад специјалист кој треба да биде заедно во работењето“, вели Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.
Ова е проблем кој се јавува поради недостиг од лекари. Министерот за здравство вели, до крајот на годинава ќе бидат вработени 300 специјализанти, уште толку следната. Но, и тогаш ќе бидат малку.
„И овие 600 нема да бидат доволни за тоа колку недостига медицински кадар, лекари и средномедицински кадар во здравствениот систем. Не можеме нешто што е проблем повеќе од 5 до 10 години, да го средиме за 4 до 5 месеци. Но, преземаме чекори во правец на стабилизирање на здравствениот систем“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Во текот на еден месец на Детска клиника починаа три деца.
За случајот со 14-месечното девојче од Гошинце, суспендирани се двајца лекари и за нив во тек е дисциплинска постапка. Додека, пак, за новороденчето од Струмица, ДСЗИ не констатираше пропусти во лекувањето.
Директорот Мемеди најави прес-конференција на која ќе ја образложи состојбата во здравствената установа.
Андријана Ѓурческа
