Експлозија на бомба ги вознемири жителите на Ќерамидница, продолжуваат пресметките во подземјето
Најавено на „Тик-ток“, па извршено. Фрлена бомба во домот на Раде Трајковски-Штекли. Бандите ги расчистуваат сметките, МВР најави одлучен одговор …

Раде Трајковски-Штекли беше пренесен во болница и е надвор од животна опасност. Од МВР потврдуваат дека експлозивната направа била фрлена во дворот во неговиот дом. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, рече дека е запознаен со случајот и добро е што никој не е во животозагрозувачка состојба, но лошо е што криминалните банди „хараат“. Тој најави бескомпромисна борба против организираниот криминал.
„Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние коишто го „реметат“ мирот на македонските граѓани“, рече Тошковски.
Јавен обвинител изврши увид по експлозијата во скопска Ќерамидница.
„Се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат одредени сознанија, а по наредба на јавен обвинител се обезбедуваат снимки од видеонадзор на објекти. Подигнатите траги од самото место ќе бидат предмет на вештачење“, велат од Обвинителството.
Непознат корисник на социјалната мрежа „Тик-ток“ го спомна нападот врз Штекли, објавувајќи снимка. Тој минатата година два пати беше цел на напади во трговскиот центар „Ист Гејт Мол“.
Игор Панов
