Протести „Монструм“: Полицајци сведочеа за случувањата на 4-ти јули

22.07.2014 15:24

Продолжи судењето против осумтемина обвинети од четврто јулските протести поради пресудата за случајот „Монтсрум“. Беа сослушани двајца сведоци на обвинителството. Полициските службеници раскажаа какви дејствија презеле критичниот ден, но не можеа да кажат дали обвинетите фрлале камења и им ги повредиле колегите пред скопските судови...

Првиот сведок на обвинителството, полицаец, бил распореден на работна задача.  Раскажа како се поместувале за да ја запрат толпата. Дека од таму биле напаѓани со камења, но, не можеше да каже дали првообвинетиот Аријан Реџепи бил пред судот, дали тој кршел прозорци или повредил негови колеги.

Реџепи го уапсиле на улицата Цветан Димов, бидејќи се издвоил од толпата со зацрвенето лице и нос и со црна капа во рацете тргнал кон нив. На основа на тоа оцениле дека е еден од напаѓачите па го привеле.

Вториот сведок, исто така полицаец, не можеше дакаже кој од обвинетите го видел на критичното место бидејќи имало многу луѓе и ситуацијата била хаотична. Тој не можеше да се сети на имињата на четворицата демонстранти коишто ги привеле со колегите.

„Од одредени причини дојдоа само двајца сведоци, никој од нив не посочи дека ги видел обвинетите во толпа, како фрлаат камења и прават нереди. Поради немање услови во судот не погледнавме видеоматеријали и фотографии“, рече адвокатот Татјана Тонеска.

Адвокатот Алиспахиќ побара рочиштата закажани на 29 и 30 месецов да се одложат бидејќи обвинетите се од исламска вероисповед, а празникот Бајрам се празнува три дена. Судијата сепак го закажа бидејќи обвинетите се изјаснија дека не им пречи да има судење. Еден од нив побара да им биде укинат притворот. Адвокатите објаснија дека се работи за скратена постапка и судењето би требало да заврши за 60 дена.

Еден од сведоците на обвинителството се повлекол, а ќе бидат сослушани уште петмина. Ќе следува презентирање на доказите, видеоматеријалите и фотографиите.

Фиљана Кока