„Ждрело“ на Драмски театар од Скопје премиерно на „Охридско лето“

22.07.2014 15:35

Претставата „Ждрело“ на Драмски театар од Скопје е првата премиера во рамките на „Охридско лето“. Автор на текстот е Жанина Мирчевска, а во реализацијата на овој проект кој љубителите на драмата ќе можат да го видат утревечер е вклучен силен актерски тим раководен од режисерката Зоја Бузалковска...

Потрошувачката која во современиот свет се издигнува на ниво на идеологија и алчноста на материјалистичко-лакомиот свет е темата на трагикомедијата „Ждрело“од Жанина Мирчевска, што утревечер премиерно ќе биде изведена од актерите на Драмскиот театар во рамките на Охридско лето.

Жанрот кој што таа го дефинира во овој текст е трагикомична фарса, што е практично мешање на најмалку два, ако не и четири жанра. Значи еден доста сложен материјал, една доста сложена и во таа смисла на зборот возбудлива и за режирање и играње подлошка“, вели Зоја Бузалковска, режисер.

Текстот на авторката е подеднакво актуелен и кај нас и во светот,истовремено сложен драмски проект кој наметнува сериозен пристап во доловувањето на улогите во него.

„Убеден сум дека без целосна концентрација, фокус на целата екипа, ама буквално на сите луѓе, не само актерите кои што работеа на проектот дека немаше ни половина од процесот да помине“, рече актерот Рубенс Муратовски.

Имавме феноменален процес на работа, не бевме истортурирани воопшто, иако Зоја можеби важи за еден од тие режисери што работи по цели денови“, изјави актерката Трајанка Илиева-Таци.

Директорот на Драмски, Роберт Вељановски ги нагласи заложбите на оваа театарска куќа да продолжи во претставувањето на драмски текстови на домашни автори, што веќе подолг временски период е заштитен знак и белег по кој е препознатлив овој театар.

Сашо Нелоски