Израел ја засилува офанзивата
Како што се приближува 20-ти јануари, денот на преземањето на власта во Белата куќа од Трамп, така Израел ја засилува офанзивата во Газа, во Западен брег, во Сирија и во Либан. Погодени се цели на Хезболах во Бејрут, проиранската милиција возврати во Хаифа. Во меѓувреме, авионските компании ги суспендираа своите летови кон израелските аеродроми, но затоа авиолиниите на Катар и на емиратите остваруваат екстрапрофит. И во француската престолнина немири поради блискоисточната криза…

Воената криза на Блискиот исток навлезе во 14-от месец. Никаде не е веќе сигурно во Бејрут, секојдневните урнатини се неми сведоци во некогашниот банкарски див на арапскиот банкарски свет. Но, Тел Авив ја предупреди и Сирија поради производство на ракети за проирански Хезболах лоциран во Либан.
„Ќе го пресретнеме секој обид за префрлање на оружјето од Сирија до Хезболах. Ќе ги нападнеме и нивните објекти во Сирија кои произведуваат оружје за Хезболах“, вели Даниел Хагари-портпарол на израелските одбранбени сили.
Размената на огнот не запира, сирени во Хаифа, поради проектилите истрелани од Либан кон Израел. Железната купола одново во акција.
Но, за некого војна, за некого бизнис. Откако повеќето светски компании ги запреа летовите кон израелските аеродроми, профит над планираниот остваруваат авиолиниите од Катар и од Емиратите. Како што е на аеродромот Бен Гурион, во слободен превод татко на народот.
„Летовите од емиратите и од компаниите покажува дека арапските земји се решителни во зачувувањето на мирот“, изјави Моти Ајс, патник.
„За емиратите, овие маршрути се посветени на мирот. Тие покажуваат, особено со доаѓањето на администрацијата на Трамп на 20 јануари, дека се отворени за бизнис без разлика што се случува на Блискиот исток“, вели Џошуа Тајтелбаум-професор на универзитетот Бар-Илан.
Блискоисточната криза предизвикува демонстрации, во поголемиот број случаи против Израел. И покрај засилените мерки на фудбалскиот натпревар меѓу Франција и Израел во Париз, насилство на трибините на „Стад де Франс“.
„Овој меч е скандал сам по себе. Политичарите го поддржуваат одржувањето, тоа значи дека стојат зад Израел“, вели Лиза Граиле-член на „Посветени на Палестина“.
Во Истанбул, полицијата уапси осомничен кој неколкупати стрелаше кон израелскиот конзулат. Тел Авив веќе ги повлече дипломатите од Турција поради безбедносни закани.
Зоран Богатинов
