И кога врне депонијата „Буково“ загадува
Депонијата „Буково“ која се наоѓа во околината на Охрид загадува и кога врне дожд. Доколку тој не е пороен не може да ги згасне опожарените делови, па така од една страна се загадува воздухот, а од друга водите што понираат низ отпадот ги загадуваат водотеците и подземните води кои подоцна се влеваат во Охридското и Преспанското Езеро …

Иако веќе два дена врне дожд депонијата „Буково“ сè уште гори и го загадува воздухот. Но, при вакви временски услови се загадуваат површинските и подземните води кои навлегуваат во Охридското и Преспанското Езеро.
Оваа депонија е дел од 54-те нестандардни во земјава од која при опожарување се чувствува неподнослива миризба, а чадот кој се ослободува во себе носи штетни материи кои го загрозуваат човековото здравје и животната средина. Тоа беше причина повеќе да го посетиме селото Косел кое се наоѓа во непосредна близина на депонијата, при што жителите не информираа дека најголемиот дел од годината го минуваат со затворени прозорци.
„Овој ветер што сега доаѓа ќе донесе миризба во селово овде, можеби малку и пошироко. Да се тргне под итно, под итно да се тргне таа депонија.“
„Буково горе што се наоѓа, што го ставаат отпадот, отпадните материи многу загадуваат и реките ги загадуваат. Има многу работи, има што не може да ги издржи човечкиот организам.“
„Има многу чад, многу е тешко за дишење, претежно летниот период кога се пали горе депонијата“-велат жители на селото Косел.
Локалниот план за управување предвидува експлоатација на депонијата уште две години, меѓутоа според препораките на УНЕСКО таа требаше да се затвори до 2020-та.
„Сите овие материи, штетни материи и опасни гасови коишто се ослободуваат при согорувањето на комуналниот отпад, разновиден и неселектиран отпад на оваа депонија, како што се полициклични ароматични јагленоводороди, фурани, сулфурни и азотни оксиди, тешки метали, сето тоа влијае штетно врз здравјето на луѓето, пред сè на дишните патишта“, изјави Сашо Точков- иницијатива „Збогум Буково“.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков очекува трајно решавање на овој проблем за неколку години, а дотогаш ќе се зголеми безбедноста на депонијата и нејзино прекривање со 4.000 метри кубни земја. Она што влева оптимизам се информациите дека Министерството за животна средина веќе ги обезбеди средствата за регионалната депонија од Европската банка за обнова и развој од околу 30 милиони евра и дека веќе се подготвува тендерската документација за реализирање на тој проект.
Сашо Нелоски
