Македонија

Дурмиши додели решенија за финансиска поддршка за воведување на ИСО и ХАЛАЛ

15.11.2024 19:23

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши деенска ги додели решенијата за исплата на средства на мали и средни претпријатија за воведување на ИСО стандарди и сертификација на ХАЛАЛ систем врз основа на објавените јавни повици по мерките од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 година...

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши деенска ги додели решенијата за исплата на средства на мали и средни претпријатија за воведување на ИСО стандарди и сертификација на ХАЛАЛ систем врз основа на објавените јавни повици по мерките од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 година.

Оваа година Министерството за економија и труд, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 реализираше:

МЕРКА 4 – Надоместување на дел од трошоците на микро, мали и средни претпријатија за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди и тоа 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој апликант.

МЕРКА 5 – Надоместување на дел од трошоците на микро, мали и средни претпријатија за сертификација на ХАЛАЛ систем, преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој апликант.

За реализација на овие мерки Министерството за економија и труд објави јавни повици во кои беа дефинирани условите за учество и потребните документи за аплицирање.

Двата Јавни повици беа објавени истовремено на 19.07.2024 година на веб страницата на Министерството за економија и труд и траеја до 01.10.2024 година.

За секоја од овие мерки се предвидени средства во износ од 2.000.000 денари поединечно.

Заклучно со 01.10.2024 година, до Министерството за економија и труд пристигнаа 9 (девет) барања од подносители за кофинансирање на сертификација според ИСО стандарди и 14 (четиринаесет) барања од подносители за кофинансирање на сертификација на ХАЛАЛ систем.

Од разгледаните 9 (девет) барања, Комисијата констатира дека 1 (едно) не ги исполнува условите за учество одредени со Јавниот повик за ИСО, а за останатите 8 (осум) одлучи да одобри надоместување на дел од трошоците за сертификација, согласно доставената документација, во вкупен износ од 463.961 ден.

Од разгледаните 14 (четиринаесет) барања, Комисијата констатира дека 9 (девет) не ги исполнуваат условите за учество одредени со Јавниот повик за ХАЛАЛ, а за останатите 5 (пет) одлучи да одобри надоместување на дел од трошоците за сертификација, согласно доставената документација, во вкупен износ од 445.260 ден.