Македонија

Мицкоски: Секој што се огрешил пред законот ќе одговара

15.11.2024 17:00

„Колку сме поблиску до криминалците, реториката ќе биде пожестока“, вели премиерот Мицкоски. Од ДУИ сметаат дека се води кампања на етничка дискриминација и „институционално чистење“ насочено против државната администрација и јавните службеници од албанска припадност...

Борбата со криминалот нема ни етничка, ни партиска припадност. Секој што се огрешил пред законот ќе одговара-ова е реакцијата на премиерот Христијан Мицкоски за партискиот став на ДУИ дека со промената на власта масовно се отпуштаат Албанци од институциите.

„Колку сме поблиску до криминалците, реториката ќе биде пожестока“, вели премиерот Мицкоски. Станува збор за случаи во МВР на припадници на одредени политички партии и со различна етничка припадност кои ја злоупотребиле својата положба и незаконски издавале дозволи за оружје и друг тип документи.

„Нормално, тие се санкционирани. Како што ќе стигнуваме поблиску до криминалците, таа реторика ќе биде пожестока и позасилена. Со првите притворувања и судски процеси овие напади ќе бидат уште позасилени. Ова е борба со криминалот која претходно ја најавив. Некои работи, можеби поспоро одат, но правдата е спора, но доаѓа“, изјави премиерот Мицкоски.

Од ДУИ сметаат дека се води кампања на етничка дискриминација и „институционално чистење“ насочено против државната администрација и јавните службеници од албанска припадност. Во партиското соопштение се наведува дека „под превезот на лажниот патриотизам се спроведува систематски обид за деградирање и маргинализација на професионалци кои на оваа држава и служеле со лојалност и професионализам“.

„Вработените Албанци кои ја докажале својата посветеност кон институциите и граѓаните на оваа земја, се неправедно деградирани или отстранети од нивните работни позиции. Оваа кампања претставува алармантен сигнал за поширока агенда која има цел да ги наруши принципите на еднаквост и мултиетничка хармонија, кои се основа на Охридскиот рамковен договор“, велат од ДУИ.

Премиерот оценува дека ДУИ за да ги заштитат имотите кои ги стекнале ја користат оваа реторика и побара да се не дава значење во јавноста. Ги иритира и граѓаните и нашите партнери во меѓународната заедница-вели Мицкоски.

Марина Стојанова-Тонева