Притворени десетици турски полицајци поради прислушување

22.07.2014 15:51

Десетици високорангирани турски полицајци се притворени под обвинение за илегална шпионажа и прислушување . Поврзани се со истрагата за премиерот Реџеп Таип Ердоган, објави турскиот Си-Ен-Ен.

Притворени се најмалку 76 полицајци во 22 турски покраини. Осомничени се за здружување во криминална организација и за илегално прислушување телефони, објави турскиот канал ТГВ неколку недели пред претседателските избори.

Други локални медиуми јавуваат дека повеќето од притворените биле на водечки функции во периодот на ланската истрага за корупција поради која беа сменети четвороица министри. Затворени се и повеќе бизнисмени блиски до Ердоган, пренесува агенцијата Франс Прес. Уапсен е и поранешниот шеф на антитерористичката единица на истанбулската полиција Омер Косе.

Истанбулската полиција одби да ги коментира апсењата. Ердоган уште тогаш ја осуди истрагата велејќи дека е директно насочена против него и тврдеше дека е организирана од паралелна држава од луѓе лојални на Фетулах Ѓулен, американски исламски свештеник и проповедник кој негира каков било заговор против турските власти.

Соња Стојановска