Здравство

Алармантна состојба на Детската клиника, обелодени директорот Мемети

15.11.2024 16:26

Руинирана кујна од која јадат бебиња и деца. Секоја недела Детската клиника била без вода. А во случај на пожар, ситуацијата е безизлезна бидејќи има само еден хидрофор. Ова го обелодени денеска новиот директор на Детската клиника, Реџеп Мемети, кој по четири месеци првпат излезе пред јавноста...

Храна за децата се подготвува во руинирана кујна, лифтовите не работат, секоја недела има недостиг од вода, а ако се случи пожар нема како да се изгасне – директорот на Детската клиника по четири месеци откако ја презеде функцијата првпат, јавно алармира за проблемите за кои, како што вели, се наталожени и нерешени со години.

„Кујната каде се подготвува храната за децата и за бебињата е во комплетна амортизирана состојба. Има неколку пумпи за вода што секојдневно прават дефекти, секоја недела имаме проблем и недостаток на вода. Една од тие пумпи е хидрофор што обезбедува висок притисок за хидрантите што се на катови во случај на пожар и тој хидрофор од 2018 година е надвор од употреба. Замислете, да имаме пожар по катови, ние немаме притисок, односно немаме вода за гасење пожар. Е, ова е високо ризичен момент“, вели директорот на Детската клиника. Реџеп Мемеди.

Мемеди вели дека во изминатиов период против него се води хајка преку злоупотреба на детски судбини. Негира дека е зголемена смртноста на клиниката, по информациите во јавноста дека за еден месец починаа три деца. Тој покажа податоци според кои смртноста е намалена за двапати во споредба со претходните пет години.

„Односно три пати помала смртност во споредба пред 10 години кога во просек имало и по девет умирања месечно, односно на секој трети ден имало по еден смртен исход“, дополни Мемеди.

Една од главните забелешки при вонредните надзори на Здравствениот инспекторат беше дека на клиниката не може да дежураат само специјализанти. Директорот Мемеди без конкретен одговор како ќе го надмине овој сериозен проблем. Потврдува дека има недостиг од кадар, дека дежураат специјализанти ама вели, присутни се и специјалистите.

Во изминатиот период на Детската клиника беа спроведени вонредни инспекциски надзори за три смртни случаи. Во првиот случај за 14-месечното бебе утврдени стручни пропусти за што се суспендирани двајца лекари.

Стручната комисија формирана од министерот за здравство во понеделник ќе прави надзор во Детската клиника за смртта на петгодишното девојче кое почина пред 10 дена од воспаление на мозокот.

 

Андријана Ѓурческа