Кривичен суд

Нови сведоштва за двојното убиство

15.11.2024 16:48

Сослушани роднини и блиски на таткото на младата Вања. Во скопска единица продолжи судскиот процес за двојното убиство. Еден од сведоците имал паничен напад, не се појави на рочиште …

Во Основниот кривичен суд, продолжи рочиштето за двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот од Велес, Панче Жежовски, во кој се обвинети петмина на чело со Љупчо Палевски.

Прв на листа денеска требаше да биде Гоце Трајковски, кој всушност го пронашол возилото во кое била возена младата Вања. Но, поради паничен напад не се појави на рочиштето. Сведочеше неговата мајка Кираца Трајковска, чие семејство е во кумска врска со семејството на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања. Таа пред судот објасни дека во целиот случај заедно со нејзиниот син биле во улога на истражители. Трајковска ги објасни и блиските роднински релации со првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо со кој обелодени дека претходно имале деловни релации.

Адвокатот на обвинетиот Александар Ѓорчески, вели дека денешните сведочења ги потврдиле доказите што ги приложила одбраната.

На вкрстено прашање од првообвинетиот Палевски, сестрата на Александар Ѓорчевски во сведоштвото откри дека кога се случило грабнувањето, во полиција била прашана дали нејзината снаа, Зорица Ѓорчевска, била во врска со Љупчо Палевски.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со цел да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27-ми и 24-ти ноември, а пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3-ти декември 2023 година.

 

Игор Панов