Министерот Љутков на дебата со граѓанските организации
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска присуствуваше на Годишната конференција на граѓански организации за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество, Национален форум на Цивика Мобилитас која се одржа во хотелот „Холидеј ин“...

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска присуствуваше на Годишната конференција на граѓански организации за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество, Национален форум на Цивика Мобилитас која се одржа во хотелот „Холидеј ин“.
По отворањето на настанот, се одржа и дискусија, на која министерот Љутков, покрај другите гости, одговараше на прашањата на претставниците на граѓанските организации, кои се добитници на грантови на програмата „Цивика мобилитас“.
Одговарајќи на прашања од областа на туризмот, Љутков нагласи дека како владин приоритет, освен редовните механизми за финансирање, ќе бидат разгледани и други опции на финансирање.
Истакнувајќи дека руралниот туризам е особено важен, бидејќи нуди автентични искуства за туристите кои сакаат да уживаат во традиционалниот начин на живот, локалната гастрономија, Љутков нагласи дека овие региони се од особено значење за зачувувањето и понатамошното развивање на традицијата и локалната култура.
„Затоа за да го оствариме потенцијалот на културниот туризам, треба да се направи баланс помеѓу големите туристички центри и руралните средини. Истовремено со правилна стратегија и инвестиции во инфраструктурата, како што се патишта, сместувачките капацитети, и засилена промоција, може да станеме препознатлива дестинација на културната карта на Европа и пошироко“, рече министерот Љутков.
Одговарајќи на прашања за одржување на културни манифестации во училиштата, министерот Љутков потсети дека Владата во својата програма има еден многу значаен сегмент: култура за деца и за млади, и како што рече, во оваа насока, се размислува за развивање на системски концепт за развој на културно-образовни програми и активности за нивна достапност до публиката.
Потенцирајќи дека во наредниот период се планира потпишување на Меморандуми за соработка помеѓу Министерството за култура и туризам или Националните установи од културата и училиштата, министерот Љутков рече дека тие ќе бидат рамка за соработка и континуирано гостување на театарски претстави, музички концерти и филмски фестивали, кои би се одржувале во основните и средните училишта.
За можностите на младите таленти за музика и уметност да имаат студиски посети на ЕУ и средби со младите од земјите во ЕУ, министерот Љутков информираше дека наскоро ќе биде распишан Конкурс за поддршка на студенти на прв, втор и трет циклус студии во странство на студиски програми од областа на културата и уметноста за 2025 година.
Програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“ е поддржана од Владата на Швајцарија, а ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска, и ФЦГ од Шведска.
