Економија

Електронски залог за подобра бизнис – клима

22.07.2014 15:55

Контурите од досегашниот процес на регистрација во хартиена форма се задржани, но отсега постапката ќе се одвива и преку компјутер...

Регистрацијана залог отсега и по електронски пат. Новото решение предвидува  поедноставни административни процедури, елминирање на грешките при внесување на податоците, зголемена ефикасност, услуга на повисоко ниво. 

„Постапката за граѓаните и правните лица ќе се олесни, повеќе не мора лично да одат во Заложниот регистар. На овој начин ќе се заштеди време, ќе се подобри правната сигурност и позитивно ќе се влијае на бизнис – климата, бидејќи забрзаната постапка за упис ќе доведе до побрз пристап до кредитите што ги одобруваат деловните банки“, изјави Зорица Пулејкова, претседател на Нотарската комора.

Надградувањето на Заложниот регистар во целосно електронско решение е дел од последната компонента на проектот „Едношалтерски систем“. Контурите од досегашниот процес на регистрација во хартиена форма се задржани, но отсега постапката ќе се одвива и преку компјутер.

„Со поднесувањето пријава по електронски пат, потпишана со дигитален сертификат на нотарот, ќе се заштедат време и средства“, рече Андреа Поповски, в.д. директор на Централен регистар.

Проектот чини 250 илјади евраи треба да го елиминира метежот на шалтерите.Според премиерот Груевски, ова е уште една во низата реформи за подобра бизнис – клима и економски развој.

„Македонија во извештајот „Дуинг бизнис“ на СБ за 2014-та е рангирана на високото 25 место. Една од клучните компоненти за оваа висока оценка е во делот на започнувањето бизнис, каде што главниот акцент е врз работата на Централниот регистар. Тука сме 7-ми од 189 земји во светот“, нагласи премиерот Никола Груевски.

Во иднина, податоците за фирмите во Централниот регистар ќе бидат достапни и на англиски јазик.

 

Мартин Пушевски