Лима

Самит на АПЕК, Бајден предупреди на големи промени

16.11.2024 10:52

Доаѓа време на големи политички промени – ваква порака испрати шефот на Белата куќа во заминување, Џо Бајден од самитот на АПЕК во Лима. Тој таму ќе ја има третата средба со кинескиот претседател Џјипинг. Состанокот доаѓа по победата на Трамп и најавата за воведување царини за увоз на стоки од Кина во висина и до 60 проценти.

Доаѓа време на големи политички промени – предупреди американскиот претседател во заминување, Џо Бајден на самитот на АПЕК во Лима. За време на состанокот со лидерите на Јапонија и Јужна Кореја, Бајден ја истакна важноста на трипартитниот сојуз како одговор на опасната и дестабилизирачка соработка помеѓу Русија и Северна Кореја. Вашингтон, Токио и Сеул предупредија на растечки тензии во Азија откако Пјонгјанг испрати трупи да се борат на страната на Москва во украинската војна.

„Навистина сум горд колку далеку стигнавме во нашата соработка, обезбедувајќи ги технологиите на иднината и спротивставувајќи се на опасната и дестабилизирачка соработка меѓу Северна Кореја и Русија. Остануваме заедно, тоа прави голема разлика за мирот и безбедноста. Дојдовме до момент на големи политички промени и јас сум горд на ова партнерство што го изградивме за да трае“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

На самитот на азиско-пацифичката соработка, Бајден за првпат се сретна со јужнокорејскиот претседател и со новиот јапонски премиер, која на функција стапи пред еден месец.

„Како што може да се заклучи и од неодамнешното испраќање севернокорејски војници во Русија, предизвикувачкото безбедносно окружување е потсетник на важноста на нашата трилатерална соработка“, изјави Јун Сук-Јол, претседател на Јужна Кореја.

„Со цел ефикасно да одговориме на меѓународните предизвици чијашто комплексност се зголемува, нашето партнерство стана поважно од кога било порано. Охрабрува што нашето партнерство на глобалната сцена се проширува во различни области“, изјави Ишиба Шигеру, премиер на Јапонија.

По победата на Трамп и загриженоста од нови трговски војни за време на неговиот мандат, имајќи предвид дека тој најави царини за увоз од Кина и до 60%, во Лима трета средба помеѓу американскиот и кинескиот претседател, Бајден и Џјинпинг. И Џјинпинг, како и Бајден разговараше со лидерите на Јапонија и Јужна Кореја.

„Во моментов, меѓународната и регионалната ситуација е турбулентна и забрзано се менува, а кинеско-јапонските односи се во критична фаза на напредок и развој. Ние сме блиски соседи и важни земји и во Азија и во светот. Подготвени сме заедно да работиме за да стигнеме до консензус дека Кина и Јапонија се кооперативни партнери и не претставуваат закана една кон друга земја“, изјави Шји Џјинпинг, претседател на Кина.

На самитот на АПЕК учествуваат 21 земја, кои создаваат 60% од светскиот БДП.

 

Мартин Пушевски