Данок

Се бара решение за јаглеродната давачка

16.11.2024 11:10

Од 1-ви јануари 2026-та година, домашните компании ќе подлежат на плаќање јаглеродна давачка. Обврската стои, државата не е подготвена. Во услови кога производството на струја од јаглен сè уште доминира, а термоцентралите ни се стари, извесно е дека ќе бидеме погодени, но, нејасно е каде ќе се слеваат парите. Сузана Фиданска-Стоевска работеше на оваа тема во соработка со Институтот за комуникациски студии...

Ќе обезбеди ли државата механизми данокот на јаглерод да се наплатува дома, парите да се слеваат во државната каса или кајмакот ќе го собира европскиот буџет при извоз на нашите продукти од индустријата поврзана со фосилните горива. 14 месеци пред воведувањето, законските процедури не се завршени. Подзаконските треба да дефинираат дали ќе биде на товар на извозниците.

Железо, челик, алуминиум, водород, електрична енергија. И индустријата на цемент е засегната од обврската од СИБАМ механизмот за јаглеродно гранично прилагодување. Преземаат активности.

Големите компании преземаат среднорочни планови за зелена енергија, помалите заостануваат, бизнисот бара итна техничка поддршка и насоки за декарбонизација. Невладиниот сектор вели стратегии на хартија има, во пракса нема.

Данокот ги стимулира обновливите извори на енергија, производството на струја од јаглен во државава сè уште доминира. Термоцентралите стари. Но увезуваме до 30 проценти струја од ЕУ. Од Енергетика уверуваат домашната потрошувачка нема да биде засегната.

Се работи на Законот за енергетика. Животна средина треба да воведе систем за трговија со емисии. Да се зајакнат административни и кадровски капацитети за мониторинг, известување, акредитација. Услови за соодветната наплата на јаглеродниот данок.

Земјата е во трка со времето. Со воведувањето на јаглеродниот данок ќе се ограничат стакленичките гасови, но според Светската банка во буџетската каса ќе се соберат и до 730 милиони евра годишно.

 

Сузана Фиданска-Стоевска