Стравување од криза во автомобилскиот сектор
Македонскиот автомобилски сектор силно може да биде погоден поради европската автомобилска криза. Особено тоа се однесува на компаниите кои произведуваат делови за Фолксваген од каде што најавија затворање на повеќе фабрики. Дел од експертите и менаџерите сметаат дека засега нема опасност за отпуштање на вработени, но има и фабрики кои најавуваат двојно зголемување на производството во текот на наредната година...

Европската автомобилска индустрија е во сериозна криза. Најавите на Фолксваген за затворање фабрики се само мал одраз на севкупните состојби, бидејќи тоа не е единствениот гигант кој се соочува со поголемо производство отколку што може да продаде. Во слична состојба се Рено, Пежо, Фијат, за што говори податокот дека продажбата на нивните автомобили е намалена за 20 проценти во последните два месеци.
Тоа секако негативно ќе влијае и врз автомобилскиот сектор во Македонија, пред сè на компаниите кои соработуваат со тие брендови.
„Јас би рекол прво што ќе се случи, ќе има или намалување на растот на компаниите или пак драстично успорување на процесот на вработување кај голем број компании. Или пак кога некој ќе ја напушти работната позиција, таа позиција нема да биде на еден или друг начин заменета“, изјави Виктор Мизо-менаџер на автомобилска компанија.
Не сите компании во земјава ќе бидат погодени од кризата во автомобилската индустрија, некои најавуваат зголемување на обемот на производство дури за 65 проценти споредени со лани.
„Нови производи и нови производни линии се веќе лоцирани во Костал и ќе имаме зголемен број вработувања, но тоа не значи дека секоја компанија на ист начин ќе биде погодена од состојбите, зависно во колкав обем е Фолксваген или различните модели на Фолксваген-8,17-се во обем на производството на компаниите од автомобилскиот сектор во Македонија“, изјави Виктор Мизо-менаџер на автомобилска компанија.
Според експертите секогаш кога германската автомобилска индустрија е во криза тоа негативно се одразува врз стопанствата на земјите на Балканот, со што се отвора можноста за губење на работни места во фабриките кои произведуваат делови за тој пазар.
Сашо Нелоски
