Вандализам

Протест на жителите во село Гостиражни

16.11.2024 12:49

За неполна година на двапати се вандализирани и сквернавени гробовите во долненското село Гостиражни. Полицијата направила увид, жителите остануваат зачудени, згрозени и исплашени зашто не паметат дека досега се случил таков вандализам. Во селото живеат две националности...

Искршени надгробни споменици, осквернавени гробови. За неполна година, на двапати, 13 од 16 гробови се вандализирани на православните гробишта во селото Гостиражни, општина Долнени. Жителите се револтирани, згрозени и уплашени од ваквите чинови на уништување за што досега не паметат.

Освен тоа, со фрлен камен се искршени и прозорците на селската црква „Свети Атанас“. Во Гостиражни се стотина жители од кои 10-тина од македонска, а најголемиот дел од албанска националност. Полицијата на двапати правела увид, но не се знае кој ги уништува гробовите.

Од МПЦ остро ги осудија овие вандалски и неразумни чинови на сквернавење.

Останува мистерија кој ги уништува и сквернави гробовите во Гостиражни, селото крај пругата Прилеп-Скопје.

 

Елизабета Митреска