Македонија

Мицкоски бара општествена одговорност од банките за унгарскиот кредит

16.11.2024 15:37

Власта и банкарите утре седнуваат на маса. Ќе се бара заемно прифатливо решение за каматата на средствата кои треба да завршат кај компаниите од унгарскиот кредит. Премиерот Мицкоски очекува банките да покажат општествена одговорност за да се овозможи финансиска инјекција за стопанството. Од кредитот вреден половина милијарда евра, 250 милиони се за стопанството. Кредитот беше земен со каматната стапка од 3,25 проценти, со рок на отплата од 15 години со вклучен тригодишен грејс период. Ќе го отплаќаме до 2039 година...

Недела на одлука – пред средбата со банкарите, премиерот Мицкоски ги повика да покажат општествена одговорност. Власта викендов седнува на маса со нив во обид да ги испеглаат разликите околу каматите за парите, наменети за компаниите од унгарскиот заем. Мицкоски не сака да го прогнозира исходот од состанокот, но се надева на отворена дискусија.

Неизвесно е како банкарите ќе одговорат на повикот на власта.

Досега е познато дека само една банка покажала подготвеност да субвенционира дел од трошоците, кај останатите немало големо расположение.

Премиерот предупреди дека економската состојба не е најповолна поради кризата во Германија, којашто може да предизвика домино ефект. Економски развој е можен само со инвестиции, вели Мицкоски.

Премиерот најави две нови инвестиции во автомобилскиот и градежниот сектор, вредни до 50 милиони евра коишто треба да креираат 500 работни места.

 

Марина Стојанова-Тонева